СДСМ: Иванов ќе потроши илјадници евра за сопствена промоција

Иванов неодговорно го завршува мандатот, како што го почна, ќе потроши илјадници евра пари на граѓаните за накит, чадори, марами и вратоврски, обвинува СДСМ преку соопштение.

На самиот крај на мандатот од функцијата што недостојно ја извршува, велат од СДСМ, Иванов според одредени процени, ќе потроши најмалку 20.000 евра, пари на граѓаните за сопствена промоција.

„Иванов нарачува над 700 сувенири со своето име. Пенкала, чадори, бисерни обетки, вински сетови, филигрански накит, марами и вратоврски се само дел од предметите што Иванов ги нарачал. Ваквото трошење народни пари за сопствен маркетинг не е однесување на одговорен претседетал на држава кој ги застапува интересите на сите граѓани. Ваквото неодговорно и расипничко однесување на Иванов повеќе наликува на однесувањето на водачи на авторитарни режими. Дали можеби и биста планира да си нарача Иванов пред да му истече мандатот? Добро е единствено тоа што Иванов има уште многу малку од својот втор мандат. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов ниту нов Груевски“, подвлече од СДСМ.

Владејачката партија додава дека граѓаните ќе изберат вистински претседател кој заедно со демократските и прогресивни сили ќе ја поведе државата кон полноправно членство во НАТО и интеграција во ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави