Денеска, министерот за надворешни работи Никола Димитров, оствари средба со Натали Лoазо, министерка за европски прашања на Француската Република, која престојува во прва работна посета на Република Северна Македонија.
Заблагодарувајќи се за посетата, МНР Димитров понуди пресек за направеното во клучните реформски области, нагласувајќи дека: „иако ни претстои уште многу работа, знаеме точно каде се движиме и цврсто сме решени да направиме се’ што е во наши раце нашата татковина да стане вистинска и просперитетна европска демократија.”
МНР Димитров: „Силна Франција значи уште посилна Европа. Ние се стремиме да станеме дел токму од една таква Европа и, во рамки на нашите можности, ќе продолжиме да даваме конструктивен придонес на овие процеси во Регионот и пошироко.”
Министерката Лоазо го нагласи значењето на Преспанскиот Договор како клучно регионално и европско постигнување и позитивен сигнал за европската иднина на Регионот. Притоа, министерката Лоазо подвлече дека Франција со голем интерес го следи напредокот на Северна Македонија и увери дека поддршката за домашните реформски процеси, посебно во клучните области, ќе продолжи и понатаму.