Претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик изјави дека Република Српска ќе спроведе референдум и ќе се одвои од БиХ доколку иницијативата на Партијата за демократска акција (СДА) за промена на името стигне до Уставниот суд на БиХ.
– Ние се согласивме, и власта и опозицијата, дека ќе преземеме мерки за утврдување на нашиот статус доколку иницијативата стигне до Уставниот суд. За да нема дилеми што е тоа што ќе биде, ние ќе спроведеме референдум и ќе се одвоиме од БиХ, изјави Додик за РТС.
Тој рече дека во тој случај ќе има несогласувања од Запад, но дека постојат земји кои тоа ќе го поддржат.
– Има најмалку десет земји кои ќе го поддржат нашиот статус, рече Додик и додаде дека доколку се бара нешто да се додаде во името Република Српска, тогаш само може да се додаде терминот „Западна Србија”, бидејќи „тоа е нешто што луѓето во Српска ќе го прифатат”.
Според него, да се разговара со САД не значи и да се прифати нивната политика.
Во однос на влегувањето на Косово во Обединетите нации, Додик рече доколку тоа се случи, тогаш Република Српска ќе се повика на тоа право и дека во тој случај ниту Хрватите во БиХ нема да ја испуштат таа можност да се одделат од БиХ.
– Доколку се направи таква констелација, ниту Хрватите нема да ја пропуштат шансата да се одвојат од БиХ. Тогаш се поставува прашањето кој ќе остане овде?, рече Додик.
Тој потсети дека Република Српска, веднаш откако Косово прогласи независност, со одлука на Народното собрание се изјасни дека има право да се одвои од БиХ, доколку Косово влезе во ОН.