РСБСП: Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила активно се вклучени во сообраќај

Околу 40.000 нерегистрирани и неосигурени возила, според осигурителните компании, активно се вклучени во сообраќајот на патиштата и претставуваат закана за безбедно одвивање на сообраќајот, предупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Оттаму  посочуваат дека безбедноста во сообраќајот во голема мера зависи од исправноста на возилото, но оти и покрај тоа  одредена група возачи ги користат возилата избегнувајќи или „заборавајќи” на задолжителниот технички преглед на возилото, редовниот сервис и редовното – задолжително осигурување и регистрација на возилото.

– Ваквиот однос кон возилото и воопшто кон безбедноста во сообраќајот е неодговорен и опасен. Точните мотиви за ваквиот начин на однесување тешко се откриваат, но сигурно е дека станува збор за неодговорни возачи кои го потценуваат ризикот од евентуална сообраќајна незгода и кои ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди. Таквите возачи, и покрај тоа што забележуваат дека има одредени неправилности или одреден систем на возилото не функционира, сепак се одлучуваат да се вклучат во сообраќај и да ја загрозат безбедноста во сообраќајот, велат од РСБСП.

Напоменуваат дека возењето на неисправно и нерегистрирано возило е опасно, ризично и неисплатливо ако се има предвид фактот колку се големи санкциите за учество во сообраќај со нерегистрирано возило и какви се последиците и загубите ако се учествува во сообраќајна незгода со неисправно, нерегистрирано и неосигурано возило.

Најчестите изговори што ги користат возачите се Трошок ми е, немам доволно пари, „Сигурен бев дека возилото е исправно”, „Не покажуваше знаци на дефект”, „Цел живот возам така, ништо не се случило”, „Не го користам многу возилото, не ми се исплати да го регестрирам”… Според РСБСП, ниеден изговор не може да биде доволно добар и сите возачи треба да бидат свесни за последиците што ги носи неисправното и нерегистрираното возило.

За учество во сообраќај на патиштата, возилата задолжително треба да бидат регистрирани, да имаат важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење и треба да бидат означени со пропишани регистарски таблици. Непочитување на оваа законска одредба се санкционира со парична казна од 500 евра во денарска противвредност.

Треба да знаете
Последни објави