Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со вршителот на должноста Министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај, кој е во работна посета на земјава.
Како што информираат од неговиот кабинет, за време на средбата Османи изразил огромна благодарност до Цакај, но и до албанската влада, за брзата ратификација на протоколот со НАТО, како дел од континуираната поддршка за нашите евроатлантски интеграции.
„Симболиката на овој суштински гест е уште еден доказ за исклучително добрите односи меѓу двете земји, кои, одамна веќе не само што немаат меѓусебни отворени прашања, туку напротив, градат односи кои претставуваат вистински израз на меѓусебно пријателство и блискост на граѓаните“, посочил вицепремиерот.
На крајот од средбата соговорниците заеднички се согласиле дека е потребно да се обезбеди поддршка и за останатите процеси од регионот, притоа осврнувајќи се на Косово и Србија, чие отворено прашање, како што констатирале, заслужува најмалку ист третман од меѓународната заедница и соседите, како и сега веќе затворениот спор меѓу нашата држава и Грција.