Грција не постигна доволен напредок во реформите, договорени минатата година, за да добие бонус од Еврозоната од 750 милиони евра, но се уште може да ги заврши промените, пред состанокот на министрите за финансии на блокот закажан за 11 март, на кој ќе се разговара за ова прашање, соопшти денеска Европската комисија.
Грција постигна договор за отпишување на долгот со кредиторите од Еврозоната во јуни минатата година, за да ги продолжи реформите и по завршувањето на третата програма за спас лани во август. Задачата на Комисијата е да го следи напредокот на реформите.
За возврат, Атина ќе добива 750 милиони евра на секои шест месеци. Парите се дел од околу 4,8 милијарди евра профит од грчките обврзници, чувани од Еврозоната, кои ќе и бидат вратени на Атина до средината на 2022 година и од откажување од зголемување на каматната маржа на дел од кредитите во еврозоната.
– Што се однесува до Грција, вториот извештај за засилен надзор… покажува значителен напредок, но исто така и некои области во кои се потребни понатамошни напори, и ги повикувам властите да ги завршат навреме за следната Еврогрупата, изјави еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси.
Има 16 реформи во различни фази на проектот, но клучните се поврзани со расчистувањето на заостанатите владини обврски – воведување на примарен здравствен систем и централизирани јавни набавки за здравство и правната рамка за решавање на нефункционални кредити, особено законот за банкрот на домаќинствата, пишува весникот „Катимерини”.