По желба на Шилегов, претпријатието за грижа на животните ќе се вика „Лајка“

Град Скопје донесе одлука за формирање на јавното претпријатие за хумани третман на животните скитници, а по желба на градоначалникот Петре Шилегов претпријатие ќе го носи името Лајка. Новото претпријатие Шилегов го најави минатиот месец и тогаш откри дека негова лична желба е да се вика Лајка оти тоа било куче што го има сменето човештвото и е од улиците на Москва.

Новото јавно претпријатие ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, а истото ќе ги преземе сите активности, каде што спаѓаат заловување на животните скитници, нивниот транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на животните на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.

Од Град Скопје велат дека формирањето на ново јавно претпријатие кое ќе се занимава исклучиво со оваа проблематика е потребно од повеќе причини, пред се поради недостатоците на досегашниот систем на работа со бездомните животни, што резултираше со зголемено присуство на кучињата скитници на јавните градски површини и притоа претставуваат реална опасност за безбедноста на граѓаните.

Во текот на 2018 година против Градот Скопје и ЈП Комунална хигиена поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.

„Новиот систем ќе овозможи Градот Скопје стратешки да се справи со проблемот на животните скитници од скопските улици преку воспоставување поефикасна контрола над популацијата на бездомните кучиња на подрачјето на град Скопје. Токму затоа во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе бидат вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин кој ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини“, соопштија од Град Скопје.

Треба да знаете
Последни објави