Градот Солсбери ќе биде прогласен за безбеден од нервниот гас Новичок речиси една година по труењето на Сергеј Скрипал, јави Би-Би-Си.
Се очекува куќата на поранешниот руски шпион и 11 други потенцијално контаминирани локации денеска да бидат прогласени за безбедни.
Воен персонал 13.000 часа ја чистеше локацијата откако Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервниот агенс на 4 март минатата година.
Во чистењето учествуваа 600 до 800 специјално обучени воени лица, вклучувајќи и припадници на хемискиот, биолошкиот, радиолошкиот и нуклеарниот полк. Операцијата вклучуваше земање на илјадници примероци за тестирање низ Солсбери и од Амесбери, каде во јули беше отруена 44-годишната Даун Старгес.
Меѓу локациите што треба да се прогласат за деконтаминирани, се и клупата во паркот каде што беа пронајдени таткото и ќерката Скрипал, ресторанот „Зизи” каде претходно вечерале, и домот на детективот Ник Бејли кој беше изложен на агенсот.