Голем број на граѓани утрово застанаа во ред за субвенции за инвертор-клими откако Градот Скопје, како една од мерките против загадувањето на воздухот, денеска го објави јавниот повик за субвенционирање на граѓаните за купување современи уреди за затоплување.
Субвенционирањето ќе биде на принципот прв дојден-прв услужен. Скопјани се револтирани дека при поднесувањето ни им било дадено редно бројче.
-Околу два часа чекав да ги поднесам докуметите бидејќи пред мене имаше многу граѓани. Кога дојдов на ред и ги поднесов документите не добив бројче да знам дали ќе добијам субвенција-ни кажа скопјанецот Горан. Н.
Со јавниот повик се опфаќаат сите инвертер клима уреди кои се купени од 1 јануари 2019 година и ќе трае заклучно со 30 ноември 2019 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.
Субвенционирањето на граѓаните на подрачјето на Град Скопје за набавка на посовремени уреди за затоплување за 2019 година ќе се финансира од Буџетот на Град Скопје за 2019 година. Висината на субвенцијата ќе биде во износ од 50% од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход, додека јавниот повик ќе се реализира согласно со принципот „прв дојден прв услужен“.
На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење без оглед на тоа дали го користат, кои имаат можност за приклучување на системот за централно греење, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот.
Целосниот јавен повик со условите и критериумите за аплицирање граѓаните можат да го видат на следната интернет врска –
www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен повик за инвертори.pdf