Премиерот Зоран Заев, придружуван од членовите на Владата,денеска ја прими во посета делегацијата од Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, предводена од членот на комитетот, естонскиот европратеник Туне Келам.
Како што соопшти владината прес-служба, изразувајќи благодарност на Владата на РСМ за несебичната поддршка на Европскиот парламент и евро-пратениците од сите идеолошки групи, Европската комисија, Европскиот совет и Советот на Европската унија, како и државите членки на Европската унија, нашите соседи и многу други активни чинители, Заев рече дека таа беше клучна за цврсто да зачекориме напред.
-Тоа особено дојде до израз во конкретните задачи што стоеја пред Владата како што беа преговорите со Владата на Грција со што се затвори проблем кој постоеше повеќе од 25 години и кој се трансформираше во стабилно пријателство кое треба да биде мотивација и инспирација за сите на Западен Балкан и во ЕУ. Како резултат на надминувањето на историскиот спор и високата усогласеност со стандардите на НАТО алијансата, Република Северна Македонија доби протокол потпишан од сите 29 НАТО сојузници за да стане 30-та членка на најмоќниот безбедносен сојуз кој сега е во фаза на ратификации во парламентите на државите членки на НАТО, со темпо кое ветува дека до крајот на оваа година Северна Македонија ќе биде и полноправна членка на Алијансата, рече Заев.
Тој нагласи дека паралелно со овие процеси, Владата работеше напорно на клучните реформски области кои ни ги зададе Европскиот совет во јуни 2018 како услов за ефективен почеток на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година, односно реформи во правосудството, реформи во безбедносните и разузнавачките служби, борба против криминалот и корупцијата и реформи во јавната администрација.
-Знаеме дека пред нас има долг пат за одење, кој ќе биде исполнет со макотрпна работа и силна волја. Но, гордо можеме да кажеме дека денес судството е понезависно од политиката, медиумите се слободни и ја контролираат власта, институциите се потранспарентни и поблиски до граѓаните, полицијата ги заштитува правата на граѓаните, немаме повеќе незаконско прислушкување, законот важи за сите без разлика колку се моќни, а економијата почнува да расте, истакна премиерот Заев на средбата со делегацијата од Европскиот Парламент.
Премиерот Заев потенцираше дека низ политичкиот дијалог, Владата прави секојдневни напори во Собранието и надвор од него да се најде заеднички јазик со опозицијата околу најважните реформски закони и тие напори дадоа конкретни резултати.
-Затоа и целосно ги поддржуваме вашите напори за негување на политичкиот дијалог. Европратениците Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан присутни тука, како и Иво Вајгл, во рамки на Жан Моне дијалогот, одиграа круцијална улога во воспоставувањето на Пржинскиот Договор, а сега, заедно со пратениците од Собранието имаат повторно многу значајна улога во забрзување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата на РСМ истакна дека со Стратегијата на Европската комисија за Западен Балкан за јасна перспектива за членство во ЕУ, со Самитот во Софија на тема ЕУ и Западен Балкан, со заклучоците на Европскиот совет во јуни 2018 година, и со препораката на Европскиот Парламент од ноември минатата година, со решавање на сите отворени прашања со соседите и со реформите, нашата земја го отвори патот за одлука за почеток на преговорите за членство во јуни 2019 година. Тој додаде дека очекува отпочнувањето на преговорите за членство за нашата земја да биде силен сигнал до регионот на Западен Балкан дека процесот на пристапување и понатаму е заснован на заслуги и резултати на земја кандидат која испорачува, и која како одговор добива соодветна испорака и од ЕУ.
Претседателот на Владата на РСМ Заев, се посочува, во продолжение на средбата им даде збор на министрите во Владата кои информираа за најважните реформски остварувања нотирани како неопходност и приоритети од страна на ЕК, во заедничката стратегија за остварување резултати кои ќе ја донесат позитивната одлука на Европскиот Совет за отворање на поглавјата во јуни оваа година.
Членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на ЕП, се наведува, споделија честитки за оствареното во Република Северна Македонија во последните две години и нагласија дека денес, за време на нивната посета, тие гледаат една сосема друга земја – земја во процес на прифаќање на нејзиното членство во НАТО, земја која остварува позитивни резултати на планот на внатрешните реформи.
-На Европската Унија ѝ треба Република Северна Македонија, колку што и на земјата ѝ треба ЕУ, и токму затоа земјата треба во наредните четири месеци да испорача силни аргументи според кои Европскиот Совет ќе биде убеден дека треба да го исполни ветеното и да бидат отворени првите поглавја од преговорите, врз основа на спроведените реформи за кои ќе биде постигнат консензус и кои ќе се реализираат во амбиент на конструктивен политички дијалог во земјата, истакнаа членовите на делегацијата на Комитетот за надворешна политика на Европскиот Парламент, на денешната средба со премиерот Заев и со делегацијата на Владата на РСМ.
На средбата со Делегацијата на ЕП во Владата присуствуваа и заменик на претседателот во Владата на РСМ задолжен за европски прашања Бујар Османи, заменичка на претседателот и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заменик претседателот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за правда Рената Дескоска, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски.