Димитров се сретна со лидерот на грчката партија Река, Теодоракис

Ако имавме повеќе политичари кои повеќе размислуваат за следните генерации, а помалку за следните избори, светот ќе беше многу подобро место, напиша шефот на македонска дипломатија, Никола Димитров на неговиот официјален Твитер профил по средбата со лидерот на грчката партија Река, Ставрос Теодоракис и јавно искажа благодарност за неговата поддршка на Договорот од Преспа.

-Во Делфи имав средба со Никола Димитров. Заедно направивме еден прв чекор, му реков, но, треба да се направат уште многу, и од ваша страна за веќе да не постои сомнеж во нашите односи. Почувствував дека ме разбира, напиша Теодоракис на неговиот официјален Твитер профил.

Од партијата Река соопштуваат дека средбата на маргините на економскиот форум во Делфи била по иницијатива на Димитров, кој, како што му рекол на Теодоракс, сакал да го запознае човекот, кој иако има многу различни позиции со владата на СИРИЗА имаше храброст да го поддржи Договорот од Преспа,  јави дописничката на МИА од Атина.

-Треба да ги слушнеме граѓаните и од двете страни на границата кои сакаат развој и безбедност, а не националисти, рече лидерот на Река, а господинот Димитров целосно се согласи, додавајќи дека граѓаните од Северна Македонија очекуваат поддршка од Грците на овој нов пат, што како крајна цел ја има нивната интеграција во европското семејство, соопштуваат  од Река.

Според грчката партија, шефот на македонската дипломатија го уверил Теодоракис дека Северна Македонија нема да ги промени само таблите на патиштата, на службите и амбасадите, туку ќе се сменат и учебниците врз основа на одредбите од Договорот од Преспа и додал дека сите граѓани од Северна Македонија, независно дали гласаа или не на референдумот за договорот, сега сакаат да се развијат односи со Грција, да има инвестиции, да соработуваат нашите Универзитети, да продолжат да доаѓаат во Солун и на Халкидики.

-Обично балканските политичари разговараат само за минатото. Ние треба да продолжиме да разговараме за иднината и идните генерации, рече лидерот на Река на крајот од средбата, а господинот Димитров одговори: „Не сме националисти, па така знаеме што е добро за нашиот народ. Ќе победиме со нашиот патриотизам”, соопштуваат од Река, пренесе МИА.

Треба да знаете
Последни објави