Либерално – демократската партија ќе го поддржи консензуалниот кандидат за претседател на Република Северна Македонија, кој ќе биде усогласен меѓу партиите на владејачката коалиција, но и со останатите вонпарламентарни партии. Оваа одлука членовите на Извршниот одбор ја донесоа на вечерашната седница.
За Либерално – демократската партија од исклучителна важност е Република Северна Македонија да добие претседател кој ќе ги обедини сите нејзини граѓани, без оглед на нивната национална, етничка или верска припадност, но и претседател кој ќе промовира заедништво, стабилност и реформски капацитет во државата.
Во овие историски моменти за нашата држава поважно од кога било е да се обединиме и заенички да градиме економски развиено, стабилно и просперитетно општество.
Од своето постоење до денес Либерално – демократската партија покажала дека државните и националните интереси се секогаш на прво место.