Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска беше во посета на земјоделците од Тетово, од каде соопшти дека се исплатени на субвенциите за житни култури.
„Ја продолжуваме праксата и нашето клучно ветување дадено пред граѓаните за редовна и навремена исплата на субвенциите. Вчера се исплатени 332 милиони денари или 5,5 милиони евра субвенции на над 26.300 земјоделци за субвенции за житни култури. Тогаш кога им се потребни овие пари ги враќаме назад кон земјоделците за повторно да ги вложат во новото производство оваа година“, изјави Николовски.
Со земјоделците во Тетово министерот дискутираше за моменталните состојби во секторот и нивните предлози, и ги презентираше новите мерки од програмите за финансиска поддршка и рурален развој.
Од МЗШВ информираат дека оваа година продолжува финансиската поддршка од 20 отсто повисоки субвенции за поледелските култури за земјоделците со развоен капацитет, и 10 отсто повисоки субвенции за грло добиток за истата категорија на земјоделци.
„Се олеснуваат критериумите за градинарството, односно засадената површина што се пријавува од оваа година ќе биде збирна за сите градинарски култури. На овој начин се намалува бројот на земјоделците кои претходно биле одбивани поради сложените административни процедури. Се воведува и нова мерка е за малите земјоделски стопанства под 1 хектар, која има за цел да направи раздвојување на развојните од социјално ориентираните мерки. Од оваа година 6.000 денари по хектар изнесува субвенцијата за земјоделците кои имаат до 0,5 хектари земја, а 12.000 денари за оние што имаат од 0,5 до 1 хектар земја. Преку оваа мерка се враќаат 130 милиони денари кај земјоделците“, велат од Министерството.