Потресно писмо на еден тинејџер – Имам 16 години и наскоро ќе умрам
Макс Едвардс бил само еден обичен тинејџер. Се дружел со своите пријатели, одел во училиште и имал големи планови за иднината. Сè додека еден ден, целосно неподготвен, не го дочекала веста дека умира.
За магазинот The Guardian раскажал колку може да се промени животот кога дознаваш дека умираш. Наместо паника, завладеал спокој, а наместо губење време се трудиш да го искористиш секој момент кој ти останал. Твојот животен часовник отчукува и со секоја помината минута, си сè поблизу до смртта.
Во продолжение ви го донесуваме неговото потресно писмо
Да бидам целосно искрен, дознав дека умирам и тоа не ми промени ништо важно во мојот живот. Во минатото ја замислував неизлечивата болест како депресивен период пред прераната смрт, но го нема тоа чувство на драма. Не се чувствувам како да престанал нормалниот живот или дека моето целосно сфаќање на светот се променило. Всушност, да не сум приковен за креветот поради операцијата, би се чувствувал како претходно.
Реалност е дека животот тежи кон тоа да се врати во својот тек. Вистината е дека е вистински шок да дознаеш дека умираш, но таа состојба трае можеби една недела. Да им објасниш на роднините и пријателите дека нема спас е еднакво колку сознанието дека личноста спротив вас е лесно повредлива. Имате чувство дека сите ќе се расплачат. Сепак, на крај не е толку потресно колку што е непријатно.
Не мислам дека многу се променив. Луѓето ми зборуваат дека сè добро поднесувам и дека не знаат дали и тие би го можеле истото, но искрено јас така се чувствувам. Умирањето од рак е низа посети во болница, шака лекови и уште по некоја лоша вест од време на време. Многу брзо сфатив дека нема некоја разлика во тоа дали ќе умреш за 10 години или за две месеци. Се уште можеш наутро да станеш од кревет, да се истушираш и да си направиш шолја чај.
Секако има и лоши страни. Најмногу ми пречи тоа што не можам да се движам како порано. По операцијата не можев да ја движам десната рака, па не можам да пишувам, да свирам гитара или кларинет. Не можам сам да одам до тоалет, но тоа почна да ме нервира кога заборавив на шокот од самата болест. Сега ми е подобро и се движам со помош на патерици. Се прилагодив. Сега свирам хармоника, затоа што за тоа ми треба само една рака.
Луѓето често ми зборуваат дека се молат за мене. Сепак, не бев религиозен пред болеста, па не сум ни сега.
Имам сестра Есма (14 години) и брат Тоби (7 години). Она што го забележав е дека сега времето го мерам во различни интервали. Обично деновите ми правеа недела, а неделите месеци, а истите година. Сега размислувам дека сето тоа се настани. Перцепцијата ми се промени. Сега го мерам времето од одморот до забавата.
Продолжив да одам на училиште. Се помирив со фактот дека ќе умрам, но уште ме интересира кога точно. Мојот рак напредува и најверојатно крајот ќе дојде набрзо. Не знам точно кога, само знам дека ни тоа не сакам да го знам.
Сигурен сум дека ќе ми го скенираат мозокот порано или подоцна и ќе откријат колку ситуацијата е лоша. Размислував да престанам да ги одложувам скенерите, но полесно ми е да знам колку болеста напредува, отколку секој пат кога нешто ќе ме заболи помислувам дека ми дошло крај.
Сигурен сум и дека чекањето на смртта е полошо отколку самата смрт. Сфатив дека ако смртта е празнина тоа можам да го прифатам. Мислам дека животот ми беше прифатливо успешен и не можел да се промени. Единствен начин мојот живот да биде мој е да поминам низ сите тие искуства на свој начин.
Сфатив дека искуството со смртта не е нешто што ќе го поминам само јас. Без разлика дали ќе ми се случи на 16 или 95 години, да се искуси крајот е ист процес.
На крај, разбирам дека некои луѓе се тешат од сознанието дека се сакани од драгите луѓе. Мене ме теши спротивното. Јас едноставно живеам како и претходно. Ова ми помага да ја намалам хистеријата која луѓето ја очекуваат кога настапува дијагнозата – последниот степен. Сожалувањето, тагата и сочувствувањето се природни емоции и треба да имаат свое место, но да се заземе ставот „престани да се сожалуваш и продолжи понатаму“ е многу поефикасно во оваа борба.
Исто така ми помага и кога се потсетувам дека дури и ако умрам, светот не се врти само околу мене. Јас сум само една личност од седум милијарди, а тој број исто како и мојот рак ќе продолжи да се множи и во наредните месеци и години. Иако мојот живот е сè што знам, јас сум само една точка на оваа планета. Кога ќе ги пресметаш десетиците луѓе кои ги познавам, милијардите кои не ги знам, илјадниците километри кои нè делат и реката од време во која сите пливаме, веројатно ќе дојдете до зачудувачки утешни сознанија дека сите ќе умреме. И ти и јас и баш сите. Живеј. Преболи го тоа.