Fлавниот финансиски директор на кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ ја тужи Канада поради нејзиното апсење на аеродромот во Ванкувер минатата година на барање на САД, пренесува Би-би-си.
Менг Ванжоу беше уапсена во декември под сомнение за измама и кршење на санкциите на САД против Иран.
Американските власти сега се обидуваат да го екстрадираат кинеската државјанка, но Менг поднесе граѓанска тужба против владата на Канада, граничната агенција и полицијата за сериозни прекршувања на нејзините граѓански права.
Кина ги осуди и окарактеризира нејзиното апсење и процесот на екстрадиција како политички инцидент. Менг ги негира сите обвиненија против неа.
Во тужбата поднесена во Врховниот суд на Британска Колумбија во петокот, Менг бара надомест на штета од Кралската канадска коњичка полиција Канадската агенција за гранични услуги и против федералната влада поради наводно кршење на нејзините граѓански права.
Менг вели дека граничните агенти ја задржале, ја претресувале и ја испрашувале на аеродромот со лажни наводи пред да биде уапсена од страна на полицијата.
Граничните службеници ја задржале за да добијат информации за кои не верувале дека ќе ги добијат ако Менг била веднаш уапсена, кршејќи ги нејзините права според Повелбата за права и слободи на Канада.
Нејзиното притворање било незаконско и произволно, се вели во тужбата, а полицајците намерно не ја информирале за вистинските причини за нејзиното притворање, за нејзиното право на бранител и за правото на молчењe.