Полските власти денеска ги објавиja плановите за построги казни за сексуална злоупотреба на деца, само неколку дена откако политичкото раководство на земјата беше потресено од документарен филм за педофилија во Католичката црква, тесно поврзана со владејачката десничарска партија „Право и правда“.
Во само три дена откако беше објавен на „Јутјуб“, повеќе од 11 милиони луѓе го гледале документарниот филм „Само не му кажувај на никого“. Филмот содржи сведоштва на Полјаци кои се соочиле со свештеници, за кои велат дека ги силувале кога биле деца, односно презентира наоди дека веќе познати педофили биле распоредени во различни парохии.
Документарецот брзо предизвика јавна огорченост, а адвокати и новинари ја повикаа полицијата да поведе кривична истрага.
Левата прогресивна опозициска партија Wiosna (Пролет) вчера имаше во план да го проектира документарниот филм на зграда во близина на седиште на црквата. Полицијата го заплени проекторот и го блокираше одржувањето на настанот.
Во меѓувреме, Владата најави промени во казненеото право со кои казните за педофилија би се зголемиле на до 30 години.
„Мачењето и педофилијата досега беа многу благо казнувани“, рече на прес-конференција премиерот Матеуш Моравиецки.
„Секое одвратно и сурово општествено однесување, особено педофилија, ќе биде уште повеќе стигматизирано“, додаде тој.