ЗНМ: Новинари и водители не смеат да учествуваат на партиски собири

Здружението на новинарите на Македонија ја повикува Македонската радио телевизија да го истражи случајот каде нивната вработена новинарка Гордана Ѓорчева, на 18-годишнината на Конференцијата на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, се појави во улога на водител.

– Со овој ангажман колешката Гордана Ѓорчева го прекршила Изборниот законик, каде во членот 75-в е наведено дека: „Уредници, новинари, водители на програма и презентери, ангажирани во подготвување програми на радиодифузерите, не смеат да учествуваат во предизборни активности на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници, односно учесници во изборна кампања”. Во Изборниот законик е предвидена и мерка доколку новинарот сепак се одлучи да настапи на партиски собир и таа гласи: „Доколку се определат да учествуваат во вакви активности, нивниот ангажман во програмите на радиодифузерите им мирува од денот на распишување на изборите до нивното завршување”, се наведува во соопштението на ЗНМ.

Според Здружението, покрај тоа што со овој ангажман новинарката Ѓорчева го прекршила Изборниот законик, ЗНМ смета дека таа го прекршила и етичкиот кодекс на Македонската радио телевизија.

Од Здружението наведуваат дека според членот 41 од кодексот на МРТ: „Новинарот мора да биде веродостоен. Новинарот мора да биде професионален и етички веродостоен, односно независен во обавувањето на својата работа. Не смее на никаков начин јавно да изразува поддршка на активности или постапки на политички партии”. Во Кодексот се вели дека: „Новинарите во информативните програми на МРТ мора да избегнуваат политички јавни настапи од секаков вид кои што се објективно непримерни во однос на работата што ја извршуваат, ја менуваат нивната слика во јавноста или го намалуваат нивниот професионален и јавен кредибилитет”.

– Сметаме дека менаџментот на јавниот сервис мора сериозно да се заинтересира и да постапи по овој случај и да внимава во иднина слични случаи да не се повторуваат. Истовремено, ја повикуваме и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како надлежна за овој случај, да излезе со свој став во јавноста и да даде насоки за медиумите и политичките партии, додаваат од ЗНМ.

Треба да знаете
Последни објави