На собраниската јавна расправа за Законот за прекинување на бременоста претседателката на зелената партија ДОМ и пратеничка, Маја Морачанин, образложувајќи ја поддршката за законот, истакна: „Носењето на овој закон е значајно од два клучни аспекта. Првиот е почитување на правата на жените како човекови права. Жената има право самостојно, според сопствената слободна волја, да одлучува дали, кога и колку деца сака да роди. Вториот се однесува на заштитата на здравјето на жените и затоа државата е должна да обезбеди пристап до легален и безбеден абортус“.
Таа апелира да се сопрат ширењето дезинформации и манипулирањето со јавноста во врска со предложениот закон.
„Со Законот не се фаворизира абортусот, туку се пропишуваат условите и постапката за безбеден прекин на бременоста на жените што донеле таква одлука и воопшто не ги засега жените што сакаат да родат“, истакна Морачанин.
Во своето обраќање се осврна и на потребата од воведување сеопфатно сексуално образование за младите да стекнат релевантни сознанија во интерес на заштита на нивното здравје и унапредување на родовата еднаквост. Истовремено, од Министерството за здравство побара воведување контрацептивни средства на позитивната листа на лекови, со цел овозможување ефикасно планирање на семејството.