Општина Центар во соработка со општинската организација на Црвениот Крст на Град Скопје и Институт за трансфузиологија организира крводарителска акција.
Во крводарителската акција ќе се вклучат вработените на Општина Центар и вработените од Јавното претпријатие Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ), а акцијата е од отворен карактер.
Во интерес на успешноста на акцијата, Општина Центар ги повикува жителите на општинатата, но и сите граѓани кои сакаат да бидат хумани, да дојдат во просториите на општината (барака 6), од 09:00 до 12:00 часот и да даруваат крв.
Дарувањето крв е највисок алтруистички чин кој се темели на принципите на доброволност и солидарност, а крвта е лек за кој не постои соодветна замена. Затоа е значајно во секое време да има доволни количини на крв, што може да се постигне единствено со доволно крвни резерви во трансфузиолошките служби.
Имајќи го ова предвид, Општина Центар три пати годишно организира крводарителски акции. Крводарителските акции кои ги организира општината имаат за цел да ги зголемат резервите на крв, да ја подигнат свеста за важноста на крводарителството, но и да ги унапредуваат и промовираат систематските и организирани крводарителски акции.