Во разумен рок или согласно вообичаените административни практики, што е во духот на Договорот од Преспа, треба институциите во земјава да ги променат своите називи со што ќе бидат испочитувани одредбите од Договорот, изјави денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров пред почетокот на панел дискусијата „Трансатлантските перспективи и Западен Балкан”.
Димитров присуствуваше на владината седница на која на предлог на Меѓуресорската работна група за извршување на обврските од Договорот од Преспа Владата донесе одлука да ги задолжи, односно да им укаже и препорача на сите институции да извршат промена на јавните табли на нивните влезови во однос на името на државата и согласно амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот закон за спроведување на амандманите и Законот за употреба на јазиците.
Димитров посочи дека согласно Договорот една е насоката која што треба да се почитува во однос на институциите, а согласно новото име Република Северна Македонија, а друга е линијата што се однесува на идентитетот, односно се што е поврзано со идентитетските прашања.
-Во овој случај формалното име на пример на Армијата би била Армија на Репубика Северна Македнија, бидејќи тоа е сега уставно име на државата, но, на пример во случајот со Македонски народен театар, имаме етнички елемент и најверојатно ќе биде Македонски народен театар, рече Димитров.
Во однос на МАНУ напомена дека тоа е државна институција, но таму има одредена специфика и изрази надеж дека ќе се најде, како што рече, едно добро решение за оваа институција.
Министерот за надворешни работи потсети дека тоа што МНР го направило кон Обединетите нации, билатерално кон државите во светот и другите меѓународни институции сега се прави во однос на државните институции, бидејќи е важно праксата да биде униформирана согласно Договорот од Преспа.
Тој потсети дека МНР веќе издало и Упатство за медиумите за употреба на новото име.