Плафон од тоалет падна во студентска соба во домот „Стив Наумов“
Плафон од тоалет ноќеска по полноќ паднал во студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Студент што престојувал во собата во која се наоѓал тоалетот преграден со гипс-картон вели дека ова не е прв ваков случај, а заедно со неговите цимери стравува дека доколку не се реагира, може некој да настрада.
Во моментот кога паднал плафонот имало тројца студенти.
„На спиење, ноќеска околу 2 часот по полноќ, падна плафонот граден од трска. Така се правени сите плафони. Гипс, трска и вода не може да издржи оти од пареата кондензира и по три години – паѓа. Ова го знае секој, а никој не презема активности за да се превенира на време“, вели студент од домот.
По инцидентот, службите од домот ги запреле вентилите бидејќи од падот биле скинати цревата за вода од чешмите. Утрово двајца хаусмајстори ја средиле водата, ја промениле санитаријата и ветиле дека до утре тоалетот ќе биде саниран.
Студентите од домот „Стив Наумов“ повикуваат што побру да се реши овој проблем бидејќи тој се провлекува и продлабочува со текот на годините.