САД ја предупредија Турција дека нејзините планови за купување на рускиот систем за воздушна одбрана С-400 ќе го доведе во ризик учеството на Анкара во програмата за авионот Ф-35 и може да доведе до наметнување санкции против Анкара, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент, Роберт Паладино, пренесува „Спутник“.
„Јасно ја предупредивме Турција дека купувањето на С-400 ќе резултира со преиспитување на учеството на Турција во програмата Ф-35 и ризик за други потенцијални идни трансфери на оружје за Турција, а може и да доведе до потенцијални санкции”, рече Паладино.
Паладино истакна дека ставот на САД во врска со купувањето руски системи од страна на Турција не се променил и Вашингтон би сакал да соработува со Турција на прашањето на системите за воздушна одбрана.
Минатиот месец, „Хуриет“ пренесе дека висок американски претставник изјавил оти САД ќе го прекинат процесот на продажба на системите за воздушна одбрана „Патриот“ во Турција ако Анкара ги добие руските системи С-400.
Американскиот Стејт департмент во декември ја одобри можноста за продажба на системите „Патриот“ во Турција во износ од 3,5 милијарди долари.