До август, 2018 се сметаше дека Дени Бојл, оскаровецот кој ги режираше „Slumdog Millionaire“ и „Trainspotting“, требаше да биде сценарист и режисер на следниот филм за Џејмс Бонд, со првичен наслов „Bond 25“. Потоа, со еден твит, Бојл стана историја.
„Мајкл Г. Вилсон, Барбара Броколи и Даниел Крег денеска соопштија дека поради креативни разлики Дени Бојл одлучи дека нема да го режира Bond 25“, беше објавено на официјалниот Twitter профил на франшизата на 21 август.
Кои биле тие „креативни разлики“ беше тема на многу шпекулации откако беше објавена веста. The Telegraph тогаш шпекулираше дека Крег и Бојл имале несогласувања околу негативецот во филмот. Според британскиот весник, Бојл сакал Томаш Кот, ѕвездата на „Cold War“, да го игра негативецот. Ништо од тоа не беше потврдено.
Неделава се појавија нови гласини околу тоа зошто Бојл се повлече од филмот: Сакал да го убие ликот на Џејмс Бонд. Она што ја прави оваа гласина уште поинтересна, е што е контрадикторна на она што Крег и продуцентката Броколи го кажаа лани летото, а тоа е дека сакаат ликот на Бонд да умре.
Но, да земеме сѐ со огромна доза резерва. Шпекулациите ги почна британскиот таблоид Daily Star. Никој ги нема потврдено, но ни негирано.
Повикувајќи се на „извор од Лос Анџелес објави: „Бојл сметал дека убивањето на 007 ќе биде брилијантен начин да се отвори патот за нов Бонд“. На Крег и Броколи наводно не им се допаднала таквата идеја.
Сепак, едно станува сѐ појасно, имајќи ги предвид шпекулациите сите овие месеци – имало дискусија за убивање на ликот на Џејмс Бонд.
„Bond 25“ што сега има работен наслов „Shatterhand“ ќе биде последен филм во кој тајниот агент ќе го игра Крег, па има смисла Крег и Броколи да сакаат да го испратат на најдраматичен можен начин.
Но Џејмс Бонд никогаш досега нема умрено. Имал блиска средба со смртта во филмовите. Во „Diamonds Are Forever“ се најде во ковчег и за малку ќе беше кремиран. Во „On Her Majesty’s Secret Service“ куршумот наменет за Бонд заврши во неговата штотуку венчана сопруга.
Според една анализа од 2013 година, објавена во списание, кон Бонд било пукано 4.662 пати и имало 130 обиди да се убие агентот 007.
Со оглед на ваквата статистика, идејата да се убие Бонд, дури и ако тоа е со цел да се отвори патот за нов актер, се чини екстремна.