Ниту приватниот сектор, ниту јавните институции, ниту универзитетите се на нивото на одговорност потребно за постигнување повисоки стапки на раст. И натаму остануваат клучните диспаритети во економските политики: односот меѓу капиталот и трудот, активното и издржувано население, како и континуитетот на правната регулатива, оценија учесниците на економски форум „Копаоник 2019″ на кој учествува и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Покрај многубројните билатерални средби, Азески организираше и свечена вечера за партнерите на Комората: Александар Влаховиќ, претседател на Организациониот одбор на Копаоник бизнис форумот, кој воедно е и претседател на Сојузот на економисти на Србија, претставници од европски финансиски институции – Негре Дубравка, раководител на регионалната канцеларија за Западен Балкан на Европската инвестициона банка и Зоран Мартиновски, менаџер на Меѓународната финансиска корпорација IFC за Македонија и Црна Гора, управата на НЛБ Банка на чело со Блаж Бродњак, претседател на Бордот на директори на НЛБ Банка, поранешниот премиер на Босна и Херцеговина, Драган Микеревиќ, Игор Радојчиќ, градоначалник на Бања Лука, истакнати стопанственици од нашата земја, претставници на медиумите и други гости.
На вечерата Азески ги презентираше можностите за инвестирање во нашата земја и зборуваше за регионалните проекти во кои е можно заедничкоа учество. Влаховиќ, се заблагодари на организираното учество на македонската стопанска делегација и констатира дека со тоа се отвора простор за ширење на Форумот надвор од границите на Србија.
Бизнисменот Светозар Јаневски, пак, на вториот ден од Форумот учествуваше на еден од најпосетените панели, заедно со истакнати бизнисмени од регионот, а се дебатираше на темата: „Како да се води бизнис на Балканот – предности, слабости и препораки.