Министерството за здравство е задоволно од резултатите остварени преку кампањата за вакцинирање на населението за справување со прогласената епидемија на морбили во делови од земјата.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска од Охрид посочи дека досега против морбили се вакцинирани околу десет илјади невакцинирани лица.
-Ги презедовме сите мерки, прогласивме епидемија и добро е што го направивме тоа. Можеше да се парализира државата со огромен број случаи. Организиравме навистина интезивна кампања за вакцинација, задоволен сум од бројот вакцинирани. Досега се вакцинирани некаде околу десет илјади невакцинирани деца што е еден од начините за сузбивање на епидемијата, истакна Филипче по посетата на Општата болница во Охрид.