Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Коце Трајановски (63), поранешен градоначалник на Скопје и Н.И.(65), В.Ѓ.(53) и Б.Т.(67), сите од Скопје, осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, казниво по член 353 од Кривичниот законик.
Првопријавениот Трајановски., како градоначалник на град Скопје, во текот на декември 2014 донел одлука за распишување на јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“, врз основа на што бил објавен Јавен конкурс и била спроведена постапка за избор на директор на претпријатието. За спроведување на постапката биле назначени Н.И. – раководител на секторот за општи работи во Град Скопје, претседател на комисијата за спроведување на постапката за избор на директор во ЈП „Водовод и Канализација“, а В.Ѓ. – раководител на одделение за управување со човечки ресурси во Град Скопје и Б.Т. – раководител на сектор за правни работи во Град Скопје, во својство на членови на комисијата.
Претседателот и членовите на комисијата не извршиле проверка на комплетноста и валидноста на доставената документација од кандидатите за распишаниот јавен конкурс за избор на директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Од 11 пријавени кандидати за директор бил избран кандидатот Александар Атанасов, кој имал некомплетни документи, односно дипломата за завршен факултет во државата Њујорк во САД не му била нострифицирана. Ваквата одлука тие ја доставиле до Трајановски, кој исто така, не извршил проверка и донел Одлука за избор на Атанасов за директор на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.
По изборот, Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва (СУТКОЗ), до Министерството за труд и социјална политика и до Државниот инспекторат за труд, поднеле претставка за начинот на избор на директор.
По извршениот инспекциски надзор во јавното претпријатие, на Трајановски му било укажано да ја преиспита одлуката за избор на директор на претпријатието и да донесе одлука во согласност со своите надлежности, но тој не преземал никакви дејствија со што му овозможил на лицето Атанасов да продолжи да ја извршува функцијата.