Околу 1.500 деца беа уапсени во акциите на федералните и курдските власти во Ирак поради наводни врски со групата Исламска држава, вели организацијата „Хјуман рајтс воч” (ХРВ). Во новиот извештај се наведува дека децата често се случајно уапсени и мачени за да изнудат признание од нив.
ХРВ ги повика федералните ирачки и курдските регионални власти да го променат законот против тероризам и да ги укинат ваквите притворувања, истакнувајќи дека тие претставуваат кршење на меѓународното право. Ирачките и курдските власти досега не го коментираа извештајот. Курдските власти претходно го отфрлија вториот извештај на ХРВ, во кој се вели дека децата биле подложени на тортура за да ја признаат својата поврзаност со Исламската држава.
Во јануари официјален претставник изјави дека локалните власти се обидуваат да ги „рехабилитираат” тие деца, но дека тортурата е забранета и дека децата ги имаат истите права како и другите затвореници. Во новиот извештај на 53 страници се наведува дека на крајот на 2018 година во притвор на ирачките и курдските власти биле околу 1.500 деца поради наводни врски со исламистите.
Најмалку 185 деца од странско потекло се осудени на затворска казна според обвиненија за тероризам, според податоците на ирачките власти цитирани од страна на ХРВ.