Во „Еуро никел” беше завршена најуспешната стечајна постапка во историјата на државата, рече денеска премиерот Зоран Заев при посетата на комбинатот „Фени”.
Тој нагласи дека „Еуро никел” денес повторно е успешна приказна и го задржува приматот што го имаше долги години како најголем извозник на феро никел од Северна Македонија и двигател на македонската економија.
– Можеме слободно да констатираме дека се надминати сите кризи и затекнати проблеми и повеќе не постои ризик од банкрот со кој вистински се соочуваше компанијата. Вработените се задоволни и добиваат плата која ја надминува просечната нето плата во државата. Долговите се исплаќаат, се отвораат нови работни места и компанијата проодолжува да извезува на странските пазари и да влегува во нови инвестициски процеси. „Еуро никел” индустри во моментов има 1.000 вработени и соработува со 200 локални компании. Швајцарската компанија „Џи сол” која е нов сопственик, изминатата година има вложено 90 милиони во комбинатот, рече премиерот.
Овие бројки, нагласи, доволно говорат колкаво е значењето на кобинатот за македонската економија.
– Владата будно го следеше процесот на стечајната постапка од причини што овој комбинат е клучен за регионот, бидејќи вработува илјада наши граѓани кои егзистираат токму од работата на овој комбинат. Но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и на еден начин е моторот на економскиот развој на нашата земја. За жал, несоодветното менаџирање и толерирање од институциите тогаш, ја доведоа егзистенцијата на овие семејства под знак прашалник. Но денес сум среќен затоа што работниците се заштитени и нивните работни места и работнички права. И продолжува со работа целиот комбинат, рече Заев.
Затоа е исклучително важно, додаде, да функционира правната држава и вледеење на правото, тоа е првата работа што ја очекуваат инвеститорите и бизнис заедницата.
– Остануваме посветени на спроведување на реформите во правосудството како врвен приоритет на нашата агенда. Денеска ќе раговараме со менаџментот на компанијата и се надевам дека ќе ги охрабриме да породолжат инвестициите кои се веќе и почнати, истакна премиерот.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека се стави крај на една голгота на сите вработени, и оти ова е најуспешно завршениот стечај и е гордост за сите институции во земјава.
– „Фени” е судбина на овој крај, на сите овие вработени и сум среќен денес што гледам среќни лица. Менаџментот планира дополнително да инвестира десетина милиони евра за пуштање во функција на новата печка. Тоа значи ново производство, зголемени производни резултати и нови вработувања за целиот крај. За сите скептици, би рекол со скудни економски познавања, кои покажаа сомнеж каде се 624 милиони евра директни странски инвестиции во 2018 година во државата, мислам дека ова е најдобро место од каде може да го дадеме одговорот. Стотина милиони евра се зад нас во овој комбинат. Ислатени се сите доверители, сите долгови, донесен е оперативен капитал во фабриката и сите до едно евро ќе бидат објаснети на македонската јавност. Со гордост можеме да кажеме дека ја движиме македонската економија во вистинска насока, дека не правиме стиропор економија, дека правиме економија на реални бројка, нагласи Анѓушев.
Денеска е моментот, додаде, кога треба да се прашаме каде е одговорноста на сите тие субјекти кои година и пол ја дезинформираат јавноста за несоодветно мешање на Владата во овој процес.
– Не Владата, туку институциите на системот го одбранија „Фени” од сите оние кои имаа намера да ја претворат оваа фабрика во старо железо. Институциите го одбранија регионот од она што била намерата на неодговорната власт која што дозволила десетици милиони евра да излезат од тука, туку и помагала во сето тоа. За сето има инстиутуции кои ќе се занимаваат со тоа. Оваа Влада покрај што има капацитет да охрабрува странски инвеститори да доаѓаат во државата, да го гарантира владеењето на правото, да гарантира стабилност на државата, таа има обврска и сите институции да си ги завршуваат своите надлежности. Јас им честитам на институциите што го одбранија „Фени”, рече вицепремиерот.
Директорот Герасим Кујунџиев рече дека се посветени во три правци со ангажмани.
– Првите активности се насочени кон задржување на производството, потоа активностите кои ги превземавме со планот за реорганизација и кои се движат во добар правец и третата многу важна активност е инвестицијата која е од неодамна почната за ревитализација на втората печка. Инвестиција од минимум десетина милиони евра. Тоа за нас ќе значи зголемување на производството, зголемување на извозот, зголемен прилив на девизи, зголемени активности на нашите добавувачи и контрактори а сето тоа ќе се одрази и на зголемен бруто домашен производ. Сето тоа нема да се оствари ако немаме институционална поддршка и очекуваме дека и во индина тие ќе се движат во таков правец што е многу битно за еден странски инвеститор, нагласи Кујунџиев.
Рече дека се инвестирани над 80 милиони евра, а инвестицијата што денеска ја најавиле е најмалку еден милион евра.
– Има 726 директно вработени во фабриката, а со останатите се работи преку контрактори. Тука има 29 илјади просечна плата. Интересот за вработување е многу зголемен во последно време. Проблем е да се најдат стручни кадри, рече тој.
Маркос Камхис, од инвеститорот „Џи сол”, рече дека се горди што оваа групација ја направи најголемата странска директна инвестиција во државата, инвестиција со која компанијата се спаси од стечај и се зачуваа работните места на илјада вработени.
– Сакам да им заблагодарам на сите вработени за нивната посветеност и за нивниот секојдневен ангажман оваа фабрика и понатаму успшешно да работи. Нашиот фокус сега е оваа компанија да стане најголем производител на феро никел во Европа и редовно ќе информираме за напредокот што го имаме за развој на фабриката. Веруваме дека нашиот проект за раст и развој ќе има силно влијание врз општеството и врз деловниот сектор во државата, рече Камхис