Државниот студентски дом изразува жалење за паѓањето на таваните во два тоалети во Студентскиот дом „Стив Наумов“ вчера вечер, што предизвика дополнителна материјална штета на санитарната опрема во тоалетите. Во инцидентот немаше повредени.
Вработените од Студентскиот дом веднаш интервенираа, им понудија сместување на студентите чии соби беа оштетени и ја заменија оштетената санитарија. Од утрово ангажирани екипи веќе работат на санација на плафоните во двата тоалета и во текот на денот истите ќе бидат санирани и ставени во функција.
,,Паднатиот плафон во студентскиот дом „Стив Наумов“ е последица од неквалитетната реконструкција на тоалетите во домот, што е уште еден од низата проблеми кои ги остави претходното раководство. Новото раководство на Државниот студентски дом ќе ја разгледа документацијата за извршената преадаптација на тоалетите во студентскиот дом „Стив Наумов“ односно ќе разгледа кој ја одобрил и на што се должи нискиот квалитет со кој е изведена” се наведува во соопштението.
Инаку, со помош на Германската влада, Државниот студентски дом веќе најави реконструкција на сите студентски домови по приоритетна листа. За оваа намена Министерството за образование и наука веќе има издвоено 30 милиони денари. Државниот студентски дом продолжува посветено да работи за обезбедување подобри услови за студентите.