Сенегалскиот претседател, Меки Сал, официјално е реизбран за втор мандат откако уставниот совет на земјата ја потврди неговата победа на изборите што се одржаа на 24 февруари, а на кои тој освои 58 отсто од гласовите.
Привремените резултати објавени од страна на изборната комисија на Сенегал минатата недела покажаа дека Сал, поранешен премиер, освоил над 50 отсто од гласовите, избегнувајќи втор круг избори.
Од кандидатите на претседателските избори во Сенегал се бара да обезбедат повеќе од 50 отсто од гласовите во првиот круг за да победат.
Сал, кој првпат дојде на власт во 2012 година, по победата над тогашниот претседател Абдулај Вејд, ги победи четворицата противкандидати, меѓу кои и Идриза Сек, исто така поранешен премиер.
Во вторникот Сал напиша на „Твитер“ дека тоа што повторно му е дадена довербата на народот го мотивира да работи уште понапорно.
Победата на Сал беше очекувана со оглед на економскиот пораст од 6 отсто што земјата го забележа минатата година, а кој е еден од највисоките во Африка. За време на својјот прв мандат, тој исто така, изгради голем број патишта, железнички линии и интернационален аеродром.