Денес градоначалниците на Град Скопје и на Општина Кисела Вода, Петре Шилегов и Филип Темелковски, извршија увид во работните активности за реконструкција на улицата „Антон Димитров”, поранешна „Жарко Зрењанин” во населба Драчево.
На оваа улица која имаше големи оштетувања ќе бидат поставени нова асфалтна маса во вкупна должина од 1.450 метри и нови тротоари од бекатон во должина од околу 6500 метри. Според предвиденото градежните работи треба да завршат во месец септември.
Градоначалникот Филип Темелковски во изјава за медиумите кажа дека со реконструкцијата на улицата „Антон Димитров” се исполнува уште едно ветување дадено пред изборите. Градоначалникот Темелковски нагласи дека овој проект кој е финансиран од страна на Градот Скопје во периодот што следува ќе биде дополнет и со реконструкција на уличното осветлување долж целата траса на улицата кое ќе го изврши Општина Кисела Вода. Темелковски истакна дека е задоволен од досегашната соработка со Градот Скопје и верува дека истата успешно ќе продолжи и во иднина.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека градот ја има отворено градежната сезона и истата интензивно се одвива. Градоначалникот Шилегов кажа дека улицата „Антон Димитров” ќе се обнови во вкупна должина од 1.450 метри и ќе добие нови тротоари од бекатон на површина од околу 6.500 квадрати. Шилегов нагласи дека оваа градежна сезона целосно ќе бидат реконструирани над 20 улици во Скопје. Градоначалникот Шилегов ги замолува граѓаните додека траат градежните активности за трпение бидејќи како што кажа се работи на подобрување на инфраструктурата која ќе им го подобри квалитетот на живот.
При вршењето на увидот во придружба на градоначалникот Филип Темелковски беа секретарот, Александар Алексовски, претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Дарио Шимиќ и Дарко Филиповски, член на Советот.
Општина Кисела Вода апелира до учесниците во сообраќајот да се придржуваат на привремено поставениот сообраќаен режим, да ја почитуваат поставената патна сигнализација и брзината на движење да ја приспособат на условите на патот.