Федерален судија од Портланд, сојузна држава Орегон, синоќа го поништи американското државјанство на Босанката Сами Расема Јетисен поради учество во воени злосторства извршени за време на војната во поранешна Југославија во 1993 година, објави весникот „Орегонијан”.
Поништувањето е врз основа на судска простапка поднесена од американското Министерство за правда за одземање на државјанство на Јенисен и на Босанецот Един Џеко. Тие заедно служеле во босанската армија и учествувале во воени злосторства. Американското државјанство на Џеко било поништено лани.
Јетисен, позната како Расема Хандановиќ и Зоља, е босанска муслиманка која добила државјанство на САД во 2002 година, седум година откако заминала од Босна и аплицирала за азил во американската амбасада во Виена.
Од властите таа била задржана во 2011 година откако државата Босна и Херцеговина испратила налог за нејзино екстрадиција поради основано сомнение за учество во воени злосторства во војната во 90-те. На подоцнежното судење во Босна таа ја признала вината и била осудена на пет и пол години затвор за учество во масакр на 22 босански Хрвати, жени и стари лица, во април 1993 година во селото Трусина во централна Босна. Хандановиќ и Ѕеко егзекутирале тројца воени заробеници и тројца цивили.
По истекувањето на казната затвор таа се вратила во САД.
Во решението на судијата за одземање на државјанство се вели дека во апликацијата за азил Хандановиќ напишала дека е соочена со прогон поради тоа што е Муслиманка, но дека лажела под заклетва кога укажала дека не учествувала во прогон на други луѓе врз национална, верска или идеолошка основа, дека не извршила злосторства, и не биле во воена служба.
Во документот во своја одбрана таа напишала дека во армијата составена претежно од мажи таа служела кога имала 20 години, следела наредби на надредени лица, и дека не знаела што прави. На ова судијата во својата одлука навел дека фактот што таа не знаела дека убиството е „ништење на човечкиот морал и достоинство” не го прави злосторството беспредментно, и дека одземањето на државјанството за неа е строга казна со тешки последици.