Кумановскиот театар утревечер со почеток во 18.30 часот, премирно ќе ја изведе преставата „Малата сирена” по мотиви на Ханс Кристијан Андерсен, во режија на Бојана Краљевска. Ова е прва претстава наменета за најмладите во тековната година, информираа актерите на денешната прес-конференција.
Режисерката Краљевска, посочи дека било предизвик да се работи и вклопи актерската игра со корографијата, сценографијата, со песна и игра. Публиката ќе може да ужива во двата света, морскиот и копнениот, светот на принцови, морнарите, на сирените рибите, школките, коралите.
-Се надевам дека успевме и нема да ги разочараме најмладите, напротив ќе ги освоиме, изјави Краљевска.
Актерката Русеска ја толкува улогата на малата сирена. -Приказната зборува за вистинска љубов која секогаш победува, рече Русеска.
Нејзините колеги Јовановски и Дончевска Илиќ ги толкуваат улогите на рибата Ушко и на вештерката од морското дно. Тие ги повикаа најмладите да ја проследат претставата, да ги остават мобилните телефони, да уживаат во сплетките на рибите и ракчињата.
-Во детските претстави секогаш има и добро и лошо и мора да кажам дека децата умеат да го одвојат доброто од злото, вели Дончевска Илиќ.
Во претставата играат осум актери од театарот Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Александра Михајловска, Никица Јовановски, Дубравка Киселички, Кети Дончевска Илиќ, Жарко Јовановиќ и Владо Дојчиновски.