Слика на целосна конфузија и недостиг на координација меѓу надлежните органи е еден од заклучоците на тројцата грчки обвинители во извештајот на речиси 300 страници за катастрофалниот пожар во Мати во кој животот го загубија 100 лица, според она што го објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Извештајот меѓу другото ги вклучува и разговорите и повиците за помош на граѓаните до специјалниот телефонски број за итни случаи на противпожарната служба, а дијалозите објавени во медиумите, само дополнително ја покажуваат комплетната неорганизираност и неподготвеност.
Поради малиот број оператори, биле само три лица, во комбинација со големиот број повици за помош, се забележуваат несоодветни однесувања, но и неможност да им се помогне на граѓаните. Не изостануваат ниту пцовките.
„Противпожарната служба не е такси за да порачаме”; „Доаѓаат 15-20 автомобили, камо да можевме да родиме повеќе”; „Чад има секаде во Атика, не се жалете и не викајте сите”, се дел од одговорите што ги добиле граѓаните кои очајно барале помош од операторите во противпожарната служба.
-Околу нас гори сѐ, ние сме во средина, има многу чад, нашиот автомобил е расипан, изгоре, што да правиме?, бил повикот од семејство кое барало помош од пожарникарите.
-Полека, полека накај плажата не можете да одите? Имате автомобил?, прашува операторот од противпожарната служба и добива одговор од жена која вели дека има 13месечно бебе, не знае што да прави и бара од нив да сторат нешто.
Според извештајот, операторот две минути подоцна за случајот го известува Центарот за цивилна заштита и вели „општината не може да прати автомобил за да помогне, нашите гасат”, а од центарот го
-Ама луѓе не можете сите само на мојот телефон да се јавувате, има уште три-четири до мене. Госпоѓата не може да се јави во полиција да пратат автомобил? Тоа што ти го кажа тебе, не можеше да ѝ го каже на полицијата?, одговараат од центарот во телефонскиот разговор со операторот од централата на противпожарната служба, според она што го објавуваат грчките медиуми.
Идентична препорака добил и граѓанин кој ја известил противпожарната служба дека три жени се во опасност бидејќи пред нивниот дом горат дрва
-Во ред, но има многу такви случаи како вашиот. Се обидуваме да евакуираме и кампови и е хаос. А да се јавите и во полиција, дали тие ќе можат да ги префрлат, одговара операторот од противпожарната служба.
Слична неорганизираност и конфузија имало и во комуникацијата меѓу надлежните и вработените во противпожарната служба, како и во комуникацијата
со полицијата.
Во извештајот на обвинителите, објавен од грчките медиуми пишува дека од содржината на комуникацијата „се потврдува комплетниот недостиг на организација и координација на противпожарните служби” и немале ниту елементарен план за справување со пожарот.
-Недостатокот на организација е толку сериозен и на таков степен што дури и да не постоеше конкретниот пожар со посебните карактеристики што го направија катастрофален, сигурно е дека ќе преовладуваше иста ситуација и за поедноставни случаи, пишува во извештајот.
Еден од заклучоците на тројцата обвинители е дека “доколку барем во најмала мерка функционираше системот за цивилна заштита и доколку беше активиран механизам за информирање- предупредување на жителите на погодените подрачја, ќе имаа време да се оддалечат пред да се приближат пожарот или чадот”.
Како што вчера објави МИА,за пожарот во јули минатата година во областа Мати во кој животот го загубија 100 лица, а беше причинета огромна материјална штета, грчкото обвинителство кривично гони 20 функционери меѓу кои префектот на периферијата Атика, градоначалниците на општините Маратонас и Рафина, поранешниот Генерален секретар за цивилна заштита, функционери во полицијата и противпожарната служба, но и еден 65 годишен маж кој е одговорен за почетокот на пожарот.