Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која деновиве е во работна посета на Вашингтон, во изјава за МИА рече дека една од главните цели на посетата е „да го држиме вниманието на нашата земја и на регионот во фокус”.
Таа укажа дека голем дел од работата за ратификација на протоколот за членство на нашата земја во НАТО од страна на американскиот Конгрес не зависи од извршната власт, туку од законодавната власт.
-Затоа посетата неделава вклучува средби не само во Пентагон туку и во Конгресот. Се наметнуваме како држава која вложува во своите добри билатерални односи во одбраната со САД и која што веќе почнува да функционира како земја-членка на НАТО, вели Шекеринска.
Таа посочи дека дискусиите сега не се насочени само кон Северна Македонија, туку се однесуваат и на прашања за стабилноста на регионот и во разните светски жаришта, и што НАТО може и треба да направи во тој дел.
-Факт е дека од страна на сите институции вклучени во процесот како Пентагон, Стејт департментот, Белата куќа и Сенатот, ја добивме пораката дека ова и за нив е важно прашање, и дека ќе направат се ратификацијата да биде поуспешна и побрза, рече министерката за одбрана.Шекеринска смета дека голем успех е тоа што во текот на девет месеци македонски министер за одбрана три пати се среќава со американски државен секретар за одбрана.
-Тоа не е случајно и го заслуживме како држава, истакна таа.
Шекеринска лани во мај имаше официјална посета на Пентагон каде се сретна со Џејмс Матис, тогашниот секретар за одбрана, кој потоа дојде во возвратна посета на Скопје.
Пораката од Вашингтон е едногласна, но дека работите сеуште не се завршени, изјави таа.
-Ние како држава треба постојано да испраќаме добри вести и аргументи за своето членство и денеска сме тука да ги испратиме тие пораки како зрела држава која ги решева своите проблеми и ги испорачува своите обврски, рече Шекеринска.
Министерката исто така изјави дека македонската армија се стреми кон поголема застапеност на жените во воена служба, следејќи ги трендовите во западните армии како онаа на САД каде нема дискриминација за лицата од ЛГБТ заедницата.
-Кога лани се објави конкурсот за прием во Воената академија, околу половина од кадетите, што се идни офицери во академијата беа млади жени. И она што ми беше огромно задоволство кога двајца наши питомци испратени да продолжат образование во Воената академија на Австрија, еден од питомците, девојката, се врати со награда за најдобар странски кадет, изјави Шекеринска.
Таа потврди дека се зголемува нивото и шансите кои им се даваат на жените во нашата армија, но и дека лицата од ЛГБТ заедницата се добредојдени во армијата.
– Нема дискриминација во македонската армија на полова основа и за луѓете кои имаат нетрадиционална родова определеност, изјави таа.
Министерката за одбрана Шекеринска денеска имаше средби во Белата куќа каде разговараше со Вилијам Беркли, директор за европски работи во националниот Совет за безбедност при Белата куќa и со претставници од кабинетот на потпретседателот на САД Мајк Пенс.