Минималната бруто плата се усогласува за 3,3% и ќе изнесува 17.943 денари, односно нето 12.507 денари. Согласно Законот за минимална плата усогласувањето ќе започне да се применува со исплатата на платата за месец април годинава, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Во моментот бруто минималната плата изнесува 17.370 денари, односно 12.165 денари во нето износ. Со последното усогласување минималната плата ќе порасне за 573 денари во бруто износ односно 342 денари во нето износ.
Согласно Законот минималната плата се усогласува со по една третина од порастот на просечно исплатената плата, трошоците на живот и бруто домашниот производ.
За усогласувањето на висината на минималната плата денеска свое мислење даде и Економско- социјалниот совет, во кој освен владини преставници учествуваат и синдикатите и работодавачите.