Франција денеска се прости од своите војници Седрик Пјерпон и Ален Берочело, кои загинаа во операција за спасување на заложници во Буркина Фасо, јави дописникот на МИА.
Од 2000 година, па до денес во надворешни операции загинаа најмалку 231 француски војници, односно во просек повеќе од 11 секоја година. Од 2012 година, овие бројки се пониски по особено крвавите години од 2004 до 2011 година, кога француските војници во поголем обем беа стационирани во Авганистан. Само во 2011 година загинаа 29 војници.
Во последниве години, најмногу француски војници беа убиени во африканскиот регион Сахел. Во овој пустински регион, што се протега на териториите на Мали, Буркина Фасо, Нигер, Чад и Мавританија, Франција од 2014 година ја спроведува операцијата Баркане, која има за цел да се бори против џихадистичките групи. Оваа операција, која трае неколку години следи по француската интервенција во Мали, што започна во јануари 2013 година за поддршка на војниците на оваа африканска земја кои се соочуваа со исламистички бунт.
Оваа година, пред двајцата војници, на 12 април загина и еден француски воен лекар, кој беше дел од операцијата Баркане, откако експлодира импровизирана експлозивна направа кога крај неа минуваа блиндирани возила на армијата.
На листата на овие официјално загинати француски војници, не се вклучени лицата кои ги загубија животите во тајни операции на командосите и специјалните сили на Генералниот директорат за надворешна безбедност.