Стоматолошки комори од Европа на состанок во Скопје

Стоматолошката комора на Македонија е домаќин на Вториот политички состанок на европските стоматолози, на кој учествуваа уште шест комори: Федералните германски комори, претставници од Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија и од Австриската дентална комора.

Претседателот на Стоматолошка комора на Македонија Маријан Денковски нагласи дека на состанокот се разговарало за одлуките на Советот на европските стоматолози, нивната примена при поставувањето на начела во законската регулатива кај земјите аспиранти за членство во ЕУ, идните чекори околу раздвојување на здравствените професии во рамки на ЕУ во соработка со Европската Комисија за економија и социјала, нивната репрезентативност во исполнување на вредностите на Унијата поради сопствените специфичности и јавниот интерес, како и нивно зајакнување во однос на државните институции и зацврстување на меѓународната соработка со сродни институции, комори и асоцијации на светско, европско и регионално ниво.

– Ние во Македонија се уште немаме штети од негативната комерцијализација на стоматолошката практика, но тоа не значи дека и овие чекори што се преземаат во ЕУ не треба да ги попратиме и со наше согласност и разговаравме со органите на Стоматолошката комора и се согласивме да се придружиме на иницијативите кои доаѓаат од Сојузот на европските стоматолози, затоа се придружуваме со денешното потпишување на Резолуцијата за членство, рече Денковски.

Тој рече дека пред 15-20 години наши граѓани оделе во Бугарија за дентални услуги, но и дека тие како Комора, но и како фела претрпеле штета од тоа што имале проблем со државната Агенција за конкурентност,

– Постоечкиот минимален ценовник на нашите цени беше укинат бидејќи не смеевме да го имаме и верувам дека до крајот на оваа година со измените на Законот за здравствена заштита пак ќе го вратиме назад затоа што недозволиво е да влеземе во ЕУ со минимален ценовник кој е со наши акти – коморски. Но, секако дека бугарските граѓани доаѓаат во нашата земја за стоматолошки услуги не само поради евтините услуги, туку и заради тоа што сме квалитетни.

Прашан дали ќе се зголемат цените на стоматолошките услуги, Денковски одговори дека нема да се зголемат цените,  но верува дека нема да бидат под нивото колку што чини материјалниот трошок.

За хиперпродукцијата изјави дека ова тема ќе биде дел од нивните следни состаноци и оти нивните податоци велат дека има околу 2.700 лиценци активни стоматолози.

– Дознавме дека Сараевскиот универзитет годишно прима по илјади студенти, што е неверојатна сума, во државна квота прима по 50 студенти, додека на приватна квота немаат ограничување и си плаќаат приватно и примаат по илјада студенти. Но, се надевам дека државата ќе собере сила да го регулира бројот на студенти кои се примаат во државна квота, не може да се ограничи бројот на студенти кои си плаќаат со сопствени средства. Последните податоци кажуваат дека имаме 3.900 лиценци, но сегашните податоци покажуваат дека овој број е околу 2.700 лиценци активни стоматолози, наведе Денковски.

Петер Енгел, претседател на Федералната германска комора изјави дека и тие се соочуваат со истите проблеми во оваа професија.

– Загрижени сме со ситуацијата со приватни инвестициски фондови во здравствениот сектор. Како претседател на комората, подеднакво сум одговорен за нашата професија за како и за правата на пациентите. Пациентите се секогаш во фокусот. Мораме секогаш да даваме предност на пациентите, а потоа на профитот, не смее да биде обратно, нагласи Енгел.

Енгел наведе и дека стоматолошкиот туризам може да биде непредвидлив иако постојат регулативи, но и одговорноста е најважната одлика на секој стоматолог, секој од нас одговара за своите пациенти и нивното орално здравје.

Николај Шарков, претседател на Бугарскиот заболекарски сојуз рече дека предизвиците со кои се соочуваат земјите во ЕУ се истите со кои се соочуваат и другите земји,  т.н. трети страни кои инвестираат во стоматологијата, инвестираат само заради една причинат, а тоа е финансиска придобивка.

– Исклучиво ние стоматолозите сме одговорни за оралното здравје на луѓето, никој друг. Профитот доаѓа дури на второ или трето место. Затоа, одлучивме да потпишеме резолуција со која инвеститорот ќе мора да доаѓа од приватни стоматолошки структури, нагласи Шарков.

Треба да знаете
Последни објави