Шеснаесет годишниот Кристијан Васев, кој е втора година во штипското Државно средно музичко училиште „Сергеј Михајлов” е победник на меѓународниот натпревар по пијано, кој се одржа во Смедерево Република Србија. Тој доби златен медал во голема конкуренција на средношколци од Балканот.
–Се претставив со три композиции од различни музички епохи, имаше конкуренција од повеќе држави но сепак успеав да го освојам првото место. Ова е прв значаен успех за мене од меѓународен карактер, рече Васев
Неговата професорка по пијано во ДСУ „Сергеј Михајлов”, Анита Љуботенска вели дека како резултат на талентот и напорното вежбање е постигнат големиот успех на ученикот Кристијан Васев.
–Многу сум задоволна и горда што ја освои првата награда на овој натпревар. Кристијан ги освои сите бодови на натпреварот во Србија, рече Љуботенска.
Ова е прв голем успех на меѓународен натпревар за ученикот Васев, кој е од Делчево, а за младиот пијанист свирењето пијано е повеќе од професија, кој е свесен дека за него му претстои уште многу работа и обврски за да биде она што го посакува.