Министерството за култура на својата веб-страница ги објави финалните резултати од Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година. По првично објавените резултати, откако беа увидени формални недостатоци во документацијата на дел од пријавите, на апликантите им се даде можност во соодветен рок да достават дополнителни појаснувања и документација за нив.
Исто така, беше извршен и детален преглед на бодовите за секоја ставка од конкурсите, а беа одржани и средби со дел од културните оператори.
Од Министерството за култура велат дека повторното разгледување на пријавите било извршено согласно принципите на професионалност, разновидност и креативност, следејќи го гласот на културните работници и професионалци.
По добиеното решение може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен. Жалбата не го одлага извршувањето.
Од Министерството за култура велат дека со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодувањето и моделите на финансирање на проектите во културата, културните оператори можат да дадат свој придонес во изготвувањето на нов современ закон за култура со кој овој ресор ќе ги добие сите потребни системски решенија за кои се залага и се во интерес на културната јавност во државата.
До донесување на новиот закон, Министерството за култура со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ во чиј состав се повеќе невладини здруженија од областа на културата, формираа работна група која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување.