Владата на Република Северна Македонија денеска на седница го разгледа напредокот на правосудните реформи и ги усвои Предлог-измените на Законот за спорт.
– На оваа своја седница, министрите во Владата на РСМ го разгледаа и прифатија Годишниот извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 на предлог на Министерството за правда, со цел да се прикаже степенот на реализација на мерките и активностите предвидени со Акцискиот план на Стратегијата за периодот јануари 2018 – декември 2018 година, во однос на унапредување на судскиот систем во земјата врз основа на начелата на независност, непристрасност, одговорност, ефикасност и квалитет, велат од Владата.
Со Предлог-измените на Законот за спорт се предлага даночно ослободување за националните спортски федерации, спортските клубови, активните спортисти од олимписки и неолимписки спортови, како и други правни субјекти кои имаат решение за вршење на дејност спорт. Даночното олеснување, како што појансуваат од Владата, ќе се користи врз основа на издаден ваучер од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, со што ќе се обезбедат значителни средства за поддршка на спортот и спортистите.
На предлог на Министерството за финансии усвоена е „Политиката за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор, со Акциски план за периодот од 2019-2021″ и задолжено е Министерството за финансии во рок од еден месец да формира Комитет за мониторинг.
– Документот „Политика за внатрешната финансиска контрола во јавниот сектор со Акциски план за перидот од 2019-2021″ е стратешки документ за понатамошен развој на системот за внатрешна контрола во јавниот сектор во Република Северна Македонија. Целта на овој документ е да ја дефинира рамката на современиот, соодветен и ефективен систем за јавна внатрешна финансиска контрола, вклучувајќи го и финансиското управување и контрола, внатрешната ревизија, централната координација и хармонизација и финансиска инспекција во јавниот сектор, како и да помогне за добро финансиско управување со јавните средства во Република Северна Македонија, појаснуваат од Владата.