Британската премиерка Тереза Меј изјави дека „длабоко жали” поради одлуката на Долниот дом на Парламентот во Лондон вторпат да го отфрли Договорот за Брегзит.
Меј нагласи дека и самата имала дилеми околу Договорот, но дека била свесна за „потенцијалната штета” со која може да се соочи Велика Британија доколку ја напушти ЕУ без регулирани идни односи.
Таа нагласи дека ќе побара пратениците утре да се изјаснат за можноста за Брегзит без договор, а доколку го одбијат и тоа, в четврток да гласаат за евентално одлагање на британското напуштање на Унијата, предвидено за 29 март.
Меј порача дека ако Парламентот прифати одлагање на Брегзит, тогаш ЕУ ќе сака да знае што Лондон сака да постигне со таквото барање и дека пратениците сега се наоѓаат пред „тежок избор” што понатаму.
Лидерот на опозцииската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, пак оцени дека вечерашното гласање покажало оти „Владата претрпела пораз со големо мнозинство” и ќе мора да прифати оти „нејзиниот Договор” нема поддршка во Парламентот, па затоа побара одржување предвремени избори.