Американскиот претседател Доналд Трамп телефонски разговарал со главниот директор на Боинг Денис Мјуленбург, по несреќата на Боинг 737 Макс 8 на „Етиопиан Ерлајн” во која загинаа 157 лица, и добил уверување дека авионот е безбеден.
Разговорот се одржал откако Трамп на Твитер напиша дека „му е жал што авионите станале пресложени за управување”, јавија светските медиуми повикувајќи се на „извор од индустријата”.
Мјуленбург му рекол на Трамп дека 737 Макс е „безбеден и сигурен” иако Европската агенција за безбедност во воздушниот сообраќај (ЕАСА), по Франција, Велика Британија, Германија и Холандија, ги прекина сите летови на просторот на Европската унија за авионите Боинг 737-8 и 737-9 по падот на овој модел во Етиопија.
Не е соопштено кој го иницирал разговорот, ниту колку траел.
Претставници на Боинг не ги коментираа овие информации.
– Ја продолжуваме истрагата за несреќата, а одлуките ќе ги донесеме врз основа на собраните податоци, изјави портпаролката на Федералната агенција за воздухопловство (ФАА).
Во меѓувреме, вредноста на акциите на Боинг продолжува да паѓа, откако во понеделникот загуби повеќе од пет отсто, таа бројка синоќа стина до речиси шест проценти.
Производителот се обврза да го поправи системот за стабилизација MCAS на 737 Макс 8, како што побара ФАА.