Пратеници, членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, од денеска до сабота, ќе учествуваат на студиска посета во Холандија. На студиската посета ќе земат учество координаторката Маја Морачанин, заменик-координаторот Павле Богоевски и пратеничките Лилјана Поповска, Славица Шуманска-Митева, Јагода Шахпаска, Снежана Калеска-Ванчева и Емилија Александрова.
Поканата за учество на студиската посета е од организацијата ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во рамките на Проектот „Собранието и локалната самоуправа во унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето“, а поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија.
Целта на посетата е презентирање на најдобрите парламентарни пракси за работа на ова поле, како и презентирање на пракси за подигнување на свеста за ненасилство, спречување на говор на омраза и дискриминација.
Во рамки на студиската посета предвидена е посета на Парламентот во Хаг и средба со пратениците одговорни за креирање на политиките од областа на ЛГБТИ прашањата, средби со локални политичари, посета на институциии и средби со невладини организации, кои работат на застапување заедно со холандските пратеници.