Косово и Србија ги забранија летовите на „боинг 737-макс 8“ и „737-макс 9“ над нивниот воздушен простор. Од двете земји наведоа дека причина за забраната е истрагата која се води во врска со опремата на овие типови на авиони.
„Забраната стапува на сила веднаш и ќе биде на сила до следното известување“, наведуваат од службата за цивилно воздухопловство на Косово.
Директоратот за цивилно воздухопловство на Србија соопшти дека летовите се забранети, имајќи ги во предвид безбедносните директиви на Европската агенција за безбедност на водушниот сообраќај.
По трагичната несреќа на летот ЕТ302 на компанијата „Етиопијан ерлајнс“, кога авион од типот „боинг 737 макс 8“ се урна при што загинаа сите патници и членови на екипажот, Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА) вчера одлучи да ги суспендира сите летови на овој модел на авиони.
Како мерка на претпазливост, ЕАСА објави директива со која се откажуваат сите летачки операции на моделите „боинг 737-8 макс“ и „737-9 макс“ во Европа.