Руската кампања за дезинформации е главниот извор на лажни вести и ширењето невистини во Европа, се оценува во Резолуцијата што денеска ја усвои Европскиот парламент, во која како извори на лажните вести се споменуваат и Кина, Иран и Северна Кореја.
Како што јави дописникот на МИА, со Резолуцијата, усвоена со 489 гласови „за”, 148 „против” и 30 „воздржани”, Европскиот парламент остро ги осудува „се поагресивните акции на Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, кои сакаат да ги поткопаат темелите и нормативните принципи на европските демократии и суверенитетот на Европа и на сите земји од Источното партнерство”.
Земајќи ги предвид најновите напори на ЕУ за борба против непријателската пропаганда на трети земји, европратениците ги повикуваат земјите членки да создадат силна правна рамка, како на европско, така и на глобално ниво, за справување со хибридните заканите.
Европарламентот, исто така, повикува на трансформација на Стратешкото комуникациско одделение (East StratCom), формирано во 2015 година, во една полноправна структура во рамките на Европската служба за надворешни работи задолжена да одговори на руската непријателска пропаганда.
Европратениците бараат и регулирање на социјалните медиуми, услугите за електронски пораки и пребарувачите, а компаниите кои нема да ги отстранат лажните системски информации да сносат одговорност за тоа. Покрај тоа, се бара властите да бидат способни да ги идентификуваат и лоцираат авторите и спонзорите на споделените политички содржини.
Европскиот парламент остро го осудува мешањето на трети земји во изборните процеси или референдуми. Земјите членки се повикуваат да ги изменат своите изборни закони со цел проактивно да се борат против заканите од кампањи на дезинформации, кибер напади, компјутерски криминал и непочитување на слободата на изразување за време на гласањето.
– Земјите членки треба да ги поддржат земјите асоцирани со ЕУ и државите од Западен Балкан за обезбедување силна одбрана на нивните изборни постапки од злонамерни пропагандни активности, се наведува во Резолуцијата.
Европскиот парламент, исто така, усвои и легислатива за заштита на европските избори, закажани за во мај годинава, од злоупотреба на податоци по откритијата на референдумот за Брегзит и скандалот со „Кембриџ Аналитика”.
Новите правила предвидуваат финансиски санкции за европските фондации и политички партии кои намерно ги злоупотребуваат личните податоци за време на нивната кампања за европските избори.