Само 14 општини од вкупно 80 плус Градот Скопје 1 усвоиле акциски планови за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите и предвиделе такви активности во своите програми.
Иако се законски обврзани, согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите, голем дел од нив воопшто не формирале комисии за еднакви можности, а тие што ги формирале не функционираат, не одржуваат седници, не се активни.
Согласно законот секоја општина треба да назначи координатор за еднакви можности, како посебно работно место во систематизацијата, но има општини кои тоа не го сториле, а има и координатори кои не можат да ја работат својата работа поради системските лавиринти со кои се соочуваат поради маргинилизирањето на ова прашање. Во некои општини еднаквите можности на жените и мажите се ставена како ставка во делот на социјалната заштита, што секако не е согласно законот.
На работен состанок денеска собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите се расправаше токму за тоа колку овој Закон, што е донесен во 2012 година, претрпе измени во 2014, а почна да се имплементира и да предизвикува санкции во 2016 година, се применува на ниво на општини.
На состанокот, на кој беа присутни координаторките за еднакви можности на мажите и жените од различни општини, претставници на невладиниот сектор кој се занимаваат со оваа проблематика, државната секретарка во Министерството за труд и социјална политика, Јована Тренчевска истакна дека е неприфатливо тоа што мал број општините преземаат активности со кои е направено одредено унапредување на состојбата на жените во овие сфери.
Таа најави нов закон за еднакви можности и додаде дека изминатиот период се донесени повеќе подзаконски акти, меѓу кои и образецот за известување на општините за период од една година, во кој тие треба да напишат што сработиле во оваа сфера.
-Досегашните извештаи не го задоволуваат квалитетот и тоа што го очекувавме од единциите на локалната самоуправа. Голем дел само ја испочитуваа законската обврска да ги формираат комисиите и да именуваат координатор, а за голем дел од нив прашањето е ставено на маргините, воопшто не се преземени активности и затоа голем дел од извештаите се или празни или само со информации дека комисијата е формирана или дека е назначен кординатор, истакна таа.
Нагласи дека извештаите кои не ги задоволуваат критериумите ќе бидат вратени до општините за подобрување на нивната содржина.
-Не можам да ги разберам единиците на локална самоуправа, кои немаат обезбедно ниту еден денар за активности за унапредување на статусот на жените во сите сфери на општественото живеење. Не можам да поминам преку фактот дека само 14 општини од вкупно 81 имаат донесено акциски план за унапредување на состојбата, рече таа.
Претставничките на општините се пожалија дека иако комисиите се формирани тие не функционираат, оти немаат буџетски средства, градоначалниците сметаат дека ова прашање е небитно.
Претседателката на Комисијата, Даниела Рангелова нагласи дека Комисијата веќе упатила допис до ЗЕЛС со препорака да испрати до секоја општина барање да назначи координатор, доколку тоа веќе не е сторено и да пропише такво работно место во систематизацијата.
Нагласи дека самите жените во општините треба да ги покренат работите во оваа сфера, не треба да чекаат наредби од градоначалниците, бидеќи функционирањето на таа комисија и назначувањето на координатор е законска обврска, а не произволност.
Васка Лешоска од Реактор пред учесниците на состанокот ги презентираше истражувањата на индексот на родова еднаквост – композитен показател за статусот на жените и мажите во различни сфери од живеењето, достапноста на јавни услуги кои се релевантни за остварување на родова еднаквост и напорите на општината за промовирање на родово одговорни политики.
Податоците се собирани во 2016 година, а таа ги изнесе состојбите во просек, каква е личната карта на просечната општина во земјава.
Во просечната општина на секои десет вработени мажи има шест вработени жени, во општинскиот совет на секои десет мажи советници има само четири жени советнички, просечната општина никогаш не била водена од градоначалничка, на секои десет објекти, кои се во сопственост на мажи има три кои се во сопственост на жени, на секое десет парцели, кои се во сопственот на мажи има три парцели кои се во сопственост на жени.
Според официјалната статистика жените поминуваат три пати повеќе време во домашни активности и грижа за децата, откако ќе формираат семејство од мажите, чии обврски во таа насока се намалуваат,
Ги мереле и состојбите во однос на достапноста на сервисите кои може да го олеснат товарот на неплатена работа, односно колку се достапни детските градинки.
Во просечната општина една детска државна градинка треба да згрижи 1.200 деца од 0 до шест години. Во 2016 година 26 општини немале детска државна градинка, тоа отприлика е секоја трета општина.
-Едно од прашањата во истражувањето е дали во општините во кои има детски државни градинки разликите во вработеноста меѓу мажите и жените се помали. Во општините во кои има барем една детска државна градинка стапката на вработеност на жените е тројно поголема, споредено со општините во кои нема ниту една државна детска градинка, нагласи Лешоска.
Според официјалните податоци од МВР од регистрираните моторни возила 15 отсто се во сопственост на фирми, 71 во сопственост на мажи, а само 12 проценти во сопственост на жени.
-Тоа значи дека граѓанките многу повеќе зависат од достапноста на јавниот превоз и многу повеќе се во улога на пешаци на нашите улици, истакна Лешоска