Средба на Заев со претседателот на албанскиот Парламент Ручи: Дијалогот е важен за демократскиот развој и за европските перспективи 

Премиерот Зоран Заев со владината делегација што го придружува во рамки на официјалната посета на Република Албанија, по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, денеска во Тирана се сретна и со претседателот на Парламентот на Република Албанија, Грамоз Ручи.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, биле истакнати политиките на премиерот Заев како политики на визија и посветеност и успех за Република Северна Македонија, но и на земјите од целиот регион.

Договорот од Преспа на средбата бил посочен како историски договор што ги отвори историските перспективи на нашата држава во НАТО, поради што е изразена целосна поддршка на интеграциите на Северна Македонија.

Премиерот Заев се заблагодарил за брзата постапка на ратификацијата на Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО во албанскиот Парламент и посочил дека бенефитите почнуваат да се чувствуваат за граѓаните.

-Ги пробивме сите рекорди за странски инвестиции, зголемен е БДП-то, намалена е невработеноста, се качуваат платите. Во тек е заокружување на клучните реформи. Очекуваме ЕУ да ги вреднува овие резултати на Република Северна Македонија во јуни, рекол премиерот Заев.

Тој ја нагласил одговорноста и на власта и на опозицијата во важните евроинтеграциски процеси. На состанокот било посочено дека дијалогот е многу важен за демократскиот развој на државите и нивните европски перспективи. И од двете страни било посочено е дека се силно посветени на стратешката определба за успех во јуни.

Заев потенцирал и дека во земјава Македонија успешно функционира концептот едно општество за сите. Ја нагласи како одлична соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и посебно ги потенцираше граничните олеснувања, градењето доверба меѓу двете институции и инфраструктурното поврзување, како придонес кон мобилноста на луѓе и стоки.

Премиерот Зоран Заев е во официјална посета на Тирана со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и заменик министерот за култура, Владимир Лазовски.

Треба да знаете
Последни објави