Проширување на активностите на локално ниво и примена на родово одговорното буџетирање во сите 80 општини, најави министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на денешната средба со делегација на UN WOMAN.
Фазлиу нагласи дека ресорното Министерството во имплементацијата на сите проекти внимава на родовиот аспект. Во оваа прилика тој го истакна проектот за зајакнување на капацитетите на општинските совети во рамките на кој е застапена и компонентата родово одговорно буџетирање.
-Кога се зборува за зајакнување на капацитетите и подигање на јавната свест, подеднакво треба да се вклучени и жените и мажите затоа што колку е поголема свесноста и разбирањето кај мажите, толку побрзо ќе се случуваат промените во општеството преку признавање на вистинското место и улога на жените, воспоставување на родов баланс и нивно активно вклучување во сите области на живеење, изјави Фазлиу.
Министерот истакна дека сé уште е мал бројот на градоначалнички и е неопходно создавање на амбиент во политичките партии за поголемо вклучување на жените во политиката.
-Жените треба да се охрабрат преку позитивни примери, затоа е потребно да им дадеме поголема поддршка на градоначалничките во уривањето на стереотипите, особено во помалите и руралните општини, рече Фазлиу, кој што изрази подготвеност за соработка на заеднички проекти, како и за размена на искуства на општините од земјите во регионот.
Регионалната проектанта менаџерка, Ермира Лубани истакна дека тие веќе работат со општините и секоја година нивниот број се зголемува.
-UN WOMAN делува во сите области на живеење, а веќе десет години работи на зајакнување на капацитетите за родово одговорно буџетирање и на централно и на локално ниво. Не зборуваме за дополнителни средства, туку при креирањето на буџетите да се имаат предвид и потребите на жените во локалните заедници, рече Лубани.
На средбата, како што соопштуваат од Министерството за локална самоупраа, како пример беше истакнато барањето за организиран јавен превоз за жени од рурални населени места во Источниот плански регион кои главно се ангажирани во текстилната индустрија во градовите.