– Премиерот Зоран Заев во вечерашното гостување во „Само вистина” на Канал 5 телевизија рече дека oчекува квалитетно законско решение за Специјалното јавно обвинителство во кое сите ќе веруваат.
Тој истакна дека на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски имале различни ставови во однос на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и за тимот на обвинители во СЈО.
-Јас сум поддржувач на тимот на СЈО, затоа што јавно учествувавме во селекцијата на обвинителите во 2015 година, и власта и опозицијата. И навистина оваа институција покажа капацитет, а тоа го препознаа како дома, така и странците кои ни помагаат во правосудниот систем, рече Заев.
Според него, Специјалното јавно обвинителство долг период била искра надеж на враќање на правната држава.
Во идниот период, како што рече Заев, СЈО ќе ја гони сегашната власт, затоа што како што истекува периодот на стариот закон и како што е предвидено во новиот закон истрагата за висока корупција ќе се однесува за сите.
Премиерот рече дека секој обвинител има мандат што завршува. – Обвинителите имаат право на реизбор, но никој не гарантира дека ќе бидат реизбрани затоа што се враќаат во нормалниот обвинителски систем. Тоа важи и за Катица Јанева, која има мандат до 15 септември, рече Заев и додаде дека СЈО има уште една и полгодина мандат, односно до септември 2020 година.
По новиот закон, како што рече Заев, ако се донесе до крајот на март, на Јанева и се дава мандат уште една година, односно крајот на март 2020 година, значи разликата меѓу 15 септември и крајот на март е шест месеци.
На прашање дали за него е прифатливо обвинителот да биде странец, Заев рече зошто тоа кога дома имаме квалитетни луѓе.
-За мене е поприфатливо прво опозицијата да даде предлог експерт од дома, отколку странец. Ако констатираме сите дека дома го немаме, тогаш да размислуваме, рече Заев.
Премиерот вели дека е транспарентен за себе и за она што тој го поседува. Во контекст на тоа додаде дека во идниот период СЈО ќе ја гони сегашната власт, затоа што како што истекува периодот на стариот закон и како што е предвидено во новиот закон истрагите за висока корупција ќе се однесува за сите.
Заев рече дека е прв од борците за враќање на правната држава, бидејќи беше уништена заради мешање на политичари и моќни луѓе во правосудството.
-Само ако имаме правна држава можеме да чекаме економски живот и инвестиции, а тоа е и предуслов за датум за преговори, рече Заев.